Историја на холокаустот на Ромите во Македонија

 

Ромите се населиле во Македонија најдоцна во 14 век во контекст на османлиските воени упади во пошироката област на Југоисточна Европа. Во 16 век, во Скопје и неговата околина се формирале ромски населби, а нивната миграција ги опфатила повеќето урбани области. Ромите претежно биле исламизирани и се занимавале со ковачкиот занает, музика,  со потковување коњи и биле оружари. 

Ромите припаѓале на рајата (немуслиманските поданици кои биле обврзани да плаќаат арач/данок). Во периодот помеѓу двете светски војни, на македонското подрачје (Вардарска бановина) живееле 24.494 Роми (1931 година), од кои повеќето биле од муслиманска вероисповед. Во април 1941 година, воените сили на силите на Оската за кратко време ги поразија воените сили на Кралството Југославија, по што македонската територија била поделена помеѓу Голема Албанија (под италијанска контрола) и Кралството Бугарија.

Бугарските власти не донеле посебен закон за Ромите, туку делумно ја регулирале нивната положба (на пример, на Ромите, како на Евреите, им било ограничено/забрането да стапуваат во брак со лица од “бугарско или слично потекло”). За време на војната бугарските власти, по примерот на нацистичките власти, настојувале да ги „искоренат“ Ромите, општествено-географски да ги изолираат, да го спречат нивниот номадски начин на живот и со тоа да ги принудат на седентарен начин на живот. 

Дел од Ромите биле користени за принудна работа на јавни (инфраструктурни) работи и како земјоделски работници. Бугарските власти, со цел да спречат ширење на зарази, го ограничувале движењето на Ромите и дел од нив ги депортирале во логорите на бугарското подрачје. Во март 1943 година, бугарските власти депортирале дел од Ромите заедно со Евреите во германските концентрациони логори.

За време на војната, Ромите учествувале во антифашистичкото (партизанско) движење предводено од Јосип Броз Тито, а нивниот отпор бил видлив и при бегствата од логорите. Официјалниот број на убиени Роми не е познат. Македонските власти не го признавале посебно страдањето на Ромите по војната, но тоа неодамна се промени кога започна комеморацијата на ромските жртви (2 Август – Ден на сеќавањето на геноцидот врз Ромите).